Запознајте ja Кити – шармантното девојче со супермоќ како мачка кое тргнува во необични авантури. Во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ од печат излегоа пет книги од серијалот на авторката Пола Харисон: „Кити и Златниот тигар“,  „Кити и спасувањето на месечеватата светлина“,„Кити и авантурата во небесната градина“,„Кити и големата парада со фенерите“ и „Кити и бркотницата низ крошните на дрвјата“.  Илустрациите се на Jени Ловли.

Семејството на Кити е посебно – мама е суперхерој и Кити знае дека еден ден и таа ќе ги искористи своите супермоќи и исто така ќе стане херој. За сите љубопитковци, кои со нетрпение очекувате да дознаете во какви суперхеројски акции тргнува Кити, ви претставуваме кратка содржина на двете книги:

Во приказната „Кити и Златниот тигар“ Кити е нетрпелива да го посети музејот и да ја види скапоцената статуа на Златниот тигар со свои очи. Легендата вели дека статуата може да му ги исполни желбите на оној кој ја поседува… Кити тргнува во авантура, бидејќи сака да му ја покаже статуата на Тиквичко, додека нема никој во музејот. Но, доаѓа до недоразбирање кога статуата ќе биде украдена, а Кити обвинета за криминал. Дали Кити ќе успее да го разјасни недоразбирањето, да го открие виновникот и да ја врати назад скапоцената статуа пред да изгрее сонцето?

Приказната во „Кити и спасувањето на месечеватата светлина“ почнува да се заплеткува кога мачорот Фигаро ќе дојде до прозорецот од нејзината соба да ја замоли за помош. Но, светот ноќе е опасно место – дали Кити е доволно храбра да излезе во мракот и да се впушти во возбудлива ноќна авантура?

Во „Кити и авантурата во небесната градина“ Кити, Тиквичко и Пикси откриваат тајна небесна градина на градскиот покрив. Тоа е чудесно место, полно со егзотични растенија и прекрасни украси. Пикси е многу возбудена и сака да му каже на светот околу неа за градината, но колку повеќе мачки дознаваат за градината толку подиви стануваат. Кити мора да ја спасува градината и нејзината убавина од оние кои се чини дека имаат намера да ја уништат.

Во „Кити и големата парада со фенерите“ Кити заедно со другите ученици од нејзиното одделение учествуваат на парадата на фенери во градот. Сјајните светилки и светкавите фенери изгледаат мошне убаво во ноќта. Но, се појавува крадец кој движејќи се низ толпата луѓе краде сè што блеска… Почнува трка со времето! Дали Кити ќе успее да го фати крадецот и да ги врати украдените предмети пред да заврши парадата со фенери?

Приказната во „Кити и бркотницата низ крошните на дрвјата“ се зборува за стекнувањето пријатели, кое  може да биде тешко ако се чувствуваш различно од другите. За среќа, мајка ѝ на Кити организираше средба на која Кити го сретна малото момче, кое исто така има супермоќи. Но, тоа што делиш супермоќи со некој не значи дека треба веднаш да се спријателиш со него. На пријателството треба да се работи и во овој случај, херојската тимска работа и магичната полноќна забава ги спојува Кити и нејзиниот нов пријател.

Comments are closed