Велко Неделковски е македонски раскажувач, романсиер, драмски писател, поет и сценарист. Роден е на 28 октомври 1946 година, во Скопје. Работел во Македонската телевизија како драматург и сценарист. Член е на ДПМ од 1980 година. Добитник е на наградите: на РТВ Скопје за најдобра книга за деца, за најдобра детска книга на Струшките вечери на поезијата во 1986 година, наградата „Феникс“ на Град Скопје (за постигнувања во книжевноста) и на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија. Голем дел од своето литературно творештво им го посвети токму на децата. Важи за мошне плоден автор, чиишто дела од својата содржина и со стилските особености им се мошне блиски на најмладите. Во свето литературно творештво ги негува речиси сите литературни жанрови: расказ, сказна, роман, драмски текстови, поезија. Автор е и на низа сликовници за децата од градинките, како и романот-сликовница во десет книги „Зеленкапа во шумата Еколо“.

Негови литературни дела се збирките раскази: „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“, „Деници“; сказните „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“, „Корнет Лизи во Шаренџам“; како и романите: „Симчо“, „Втората смена“, „Збунети години“ (објавена и во „135 тома македонска книжевност“), „Зборофон Тар-11“, „Дежурна приказна“, „Летачкиот човек Пеперут“, „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“.

Има напишано шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонското радио (Радио Скопје). Дел од нив се преведени и снимени и во странство. Исто така, Неделковски е творец на триесет играни телевизиски серии за деца: „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“, „Царството на другарството“ и други, но и на сценаријата на три снимени краткометражни филмови. Пишува и за театарската сцена. Изведени се неговите театарски драми за најмладите „Ден за бегство“, „Бибисек од Крампонија“ и драматизацијата на романот на Ференц Молнар, „Децата од улицата Пал“.
Покрај „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Бибисек Втори“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ги има објавено и „Збунети години“, „Шармери од осмо“ и „Симчо“, и романите за возрасни: „И не биди млад мајмун“ и „Песја прељуба“ и првата поетска збирка за возрасни „Тишината на зборот“.

No responses yet

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *