Во новата едиција „Љубов на прв збор“, со која издавачката куќа „Арс Ламина“ реафирмира постари, класични дела на познати македонски писатели за деца, објавувајќи ги во нов илустративен формат, досега се објавени сликовниците: „Танцот на шарените шамичиња“ на Александар Прокопиев со илустрации на Сања Симоска, „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова.

„Во полската куќичка“ од Ванчо Николески е поема напишана врз мотив од народна бајка и е објавена во 1962 година. Шеесет години подоцна, оваа поема добива ликовна креација со современ израз. Главната тема во оваа бајка има универзална и трајна вредност и е податлива за сите деца на сите точки на Земјината топка. Во основата, оваа бајка зборува за моќта на другарството и сплотеноста. Зборува и за љубезноста и пожртвуваноста, општоважечки етички пораки што децата треба да ги усвојат од најмала возраст.

Ванчо Николески (1912 – 1980) е претставник на првата повоена генерација на македонски писатели за деца и млади. Автор е на првата стихозбирка за деца на македонски јазик, „Македонче“ (1946) и на првиот роман за деца и млади на македонски јазик, „Волшебното самарче“ (1959). За својот богат и значаен опус ги добива наградите „Климент Охридски“, „Младо поколение“, „11 Октомври“.

–Николески не случајно го нарекуваат „татко и прво перо на детската литература“. Неговите дела се засноваат на мотиви од фолклорот, од народната ризница, а тоа се должи на изложеноста на народните приказни уште како мало момче, кога од неговата баба Софија, од мајка му и од селаните слушал лирски песни, сказни и други приказни. Во поемата „Во полската куќичка“ може да се забележи еволуцијата на поетскиот израз на Николески. Од една страна е формалниот напредок на ниво на стихотворење (користи катрени, терцини, дистих итн.), но и од содржински аспект – во оваа поема тој го проширува хуманистичкиот поттекст. Всушност, „Во полската куќичка“ е басна-бајка, во која човечките карактеристики се персонифицирани во животински ликови и која ја изнесува пораката за моќта на здружувањето, на дружељубивоста, особено кога заедницата е загрозена. Главната тема во оваа бајка има универзална и трајна вредност и е податлива за сите деца на сите точки на Земјината топка. Освен за моќта на другарството и сплотеноста, оваа бајка зборува и за љубезноста и пожртвуваноста, општоважечки етички пораки што децата треба да ги усвојат од најмала возраст.

No responses yet

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *